CoE Logo
Мапа на сајтот  |  
Средба на МНР Милошоски со претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста
 

Во рамки на Регионалната конференција за независноста на уставните судови што се одржа во Охрид на 11 јуни о.г., министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски имаше средба со Претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста.
Министерот Милошоски го информираше претседателот Коста дека спроведувањето на отпочнатите реформи на Европскиот суд за човекови права, како и следењето на препораките од Конференцијата во Интерлакен, останува една од приоритетните активности во текот на македонското претседавање со Советот на Европа.

Претседателот Коста го запозна министерот Милошоски со активностите кои Судот ги превзема врзани за ратификацијата на Протоколот 14. Заеднички беше заклучено дека Ратификацијата на Протоколот 14 ќе го забрза процесот на донесување на судските одлуки, а земјите членки на Советот на Европа ќе треба да ги засилат механизмите за имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Беа разменети мислења околу можноста за поголема флексибилност на Судот во користење на сопствениот буџет, зајакнување на процесот на избор на нови судии со креирање на т.н. панел на мудри лица кој би давал свое независно мислење по предложената листа на кандидати за позиција на судија во Европскиот суд за човекови права, како и превземање на соодветни активности за пристапување на Европската Унија кон Европската конвенција за човекови права.

На крајот, министерот Милошоски го информираше претседателот Коста дека во рамките на македонското претседавање со Советот на Европа, на 4 и 5 ноември о.г. во Скопје, ќе биде организирана Конференција на тема „Засилување на супсидијарноста на европската конвенција за човекови права - национални искуства и судска пракса“, и го покани претседателот на Судот да учествува на истата.

Испрати до пријател
горе