Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски, на 9 и 10 јуни ќе учествува на Сесија на Постојаниот комитет на ОБСЕ во Виена.
Во рамките на сесијата, МНР Милошоски во својство на претседавач со Комитетот на Министри на Советот на Европа ќе има излагање во кое ќе говори за приоритетите на македонското претседавање со Организацијата кои се однесуваат на засилувањето на заштитата на човековите права, јакнењето на интеграцијата со почитување на различноста и промоцијата на младинската соработка, а воедно ќе се осврне и на зајакнувањето на соработката меѓу СЕ и ОБСЕ во областите од заеднички интерес.
Предвидено е МНР Милошоски да има и работен ручек што го приредува делегацијата на Казакстан како актуелен претседавач со ОБСЕ, Генералниот секретар на ОБСЕ, Марк Перин де Бришамбо, како и дел од амбасадорите на земјите-членки на ОБСЕ.
За време на престојот во Виена, министерот Милошоски ќе оствари средба и со министерот за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Михаел Шпинделегер. На средбата ќе се разговара за политичките и економски односи меѓу двете држави, процесот на проширување на ЕУ и во тој контекст, за активностите на Република Македонија за оптпочнување на претпристапните преговори, како и за регионалните и мултилатералните прашања.
Во својство на претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа, МНР Милошоски ќе има и средба и со претставници на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ со седиште во Виена. |