CoE Logo
Мапа на сајтот  |  
Обраќање на Министерот Милошоски на 120-та Сесија на Комитетот на Министри
 

Ми претставува особена чест да ви се обратам на оваа 120-та Сесија на Комитетот на министри, нагласувајќи дека ова за нас претставува голем ден.

На самиот почеток, дозволете ми да и упатам честитки на мојата швајцарска колешка за нејзината извонредна работа како Претседавач со Комитетот на министри. Ќе морам да вложам напор за да го проследам нејзиниот пример.

Владата на Република Македонија е посветена на продолжението на Интерлакен процесот, како и на остварувањето на заложбите коишто произлегуваат од Декларацијата и Акциониот план усвоен на Конференцијата во Интерлакен. Конференцијата недвосмислено се покажа како силен поттик за идните ангажмани при реформирањето на Европскиот суд за човекови права.

Подобрувањето на ефективноста на оваа фундаментална институција на Советот на Европа никогаш не било поактуелно и попредизвикувачко отколку во овој миг. Несомнено, активностите поврзани со реформата на Судот и понатамошното унапредување и зајакнување на европскиот систем за заштита на човековите права се еден од главните приоритети со коишто Организацијата се соочува. Кредибилитетот којшто Европскиот суд за човекови права го акумулира во изминатиот период не` обврзува да вложиме повеќе напори во соочувањето со најгорливите потреби и предизвици со коишто Судот се соочува, како и да ја зачуваме неговата важна улога во европската правна структура.

Владата на Република Македонија ја цени иницијативата на Советот на Европа за обезбедување помош за Босна и Херцеговина во однос на уставните реформи во оваа земја. Имајќи ја предвид сложената состојба во земјата, реформскиот процес би требало да се спроведува во склад со актуелната реална состојба на теренот, како и целокупната чувствителност на ситуацијата. Ќе продолжиме да ја разгледуваме потребата од целосно спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права во случајот Сејдиќ и Финци како прашање од голема важност. Помошта од страна на Советот на Европа мора повеќе да биде насочена кон напорите да се обезбеди еден посеопфатен дијалог со цел изнаоѓање на општоприфатено решение кое истовремено би било во склад со стандардите на Советот на Европа и препораките на Венецијанската комисија. Од друга страна, ваквото решение не би требало да поттикне било какви тензии или недоразбирања коишто би можеле да ја загрозат единственоста и функционирањето на Босна и Херцеговина. Во таа насока, заедно со Претседавачот во заминување, Министерката Калми Реј, објавивме Заедничка декларација за Босна и Херцеговина којашто ги нагласува погоре спомнатите приоритети.

Би сакале да ве увериме дека, во следниот период, Советот на Европа и Македонското претседателство ќе бидат во состојба на готовност да обезбедат било каков вид на поддршка којашто би можела да биде побарана од стана на босанските власти со цел да се израмнат разликите и ова многу важно прашање да се приведе до успешна разврска.

Односите со ЕУ се истотака едно од прашањата коишто се поставени високо на агендата на нашата Организација во претстојниот период. Како што сите многу добро знаеме, европскиот систем за заштита на основните човекови права и слободи е уникатен модел во многу свои аспекти и се покажа како извор на инспирација за останатите регионални организации и механизми. Во тој поглед, не постои никаков сомнеж дека пристапувањето на ЕУ кон Конвенцијата, коешто стана возможно по стапувањето во сила на Лисабонскиот договор, ќе ги дооформи темелите на полето на заедничкото европско правно толкување на основните права. Ова не претставува само заложба, туку и обврска кон која мора правилно да се постапи. Овој процес со сигурност уште повеќе ќе придонесе кон финализацијата на историски значајниот процес на градење заеднички европски домен на човекови права којшто би бил поставен под „еден заеднички заштитен чадор“.

Во однос на реформскиот процес започнат од страна на Генералниот Секретар, би сакал да подвлечам дека Советот на Европа мора секогаш да биде целосно подготвен да се прилагодува брзо кон современите потреби и побарувања, како и ефективно да понудува одговори на секој предизвик којшто би можел на било каков начин да го загрози нашиот заеднички европски домен на демократија, солидарност, толеранција, меѓусебно разбирање и соработка. Овие должности, почитувани Колеги, секако произлегуваат од нашата заедничка решеност во рамките на Советот на Европа, темелно да ја реформираме нашата Организација на начин на кој таа би била согледувана како еден силен, флексибилен и меѓународно релевантен политички гигант, наместо како еден бирократски и досаден „политички диносаурус“ кој постојано потфрла во прифаќањето на современите реалности (како што понекогаш велат критичарите на Организацијата).

Нашата земја е подготвена да управува со раководењето на Комитетот на министри имајќи ги постојано предвид интересите на сите негови земји-членки, како и интересите на Организацијата како целина. Истотака, ги зедовме предвид и прашањата коишто се од важност за нашиот регион, фокусирајќи се на тој начин на заедничката решеност да го доведеме нашиот регион поблиску до полноправно членство во Европската Унија, коешто не може да се постигне без ефективно и одржливо спроведување на стандардите на Советот на Европа и неговите принципи.

 

Ви благодарам.

Испрати до пријател
горе