| Конференција за принципот на супсидијарност
Конференцијата во Интерлакен ја истакна потребата од зајакнување на принципот на супсидијарност што ја претставува основата на која е изграден контролниот механизам на ЕКЧП. Декларацијата од Интерлакен и Акциониот план усвоени на оваа Конференција, потврдија дека националните органи – владите, судовите и парламентите мора да имаат фундаментална улога во гарантирањето и заштитата на човековите права на национално ниво.
При подготовките на Конференцијата во Интерлакен, CDDH издаде мислење (CM (2009) 181) според кое принципот на супсидијарност мора да биде целосно оперативен со цел да се обезбеди долгорочна ефикасност на контролниот систем воспоставен со Конвенцијата. И покрај укажувањата од страна на CDDH дека ова прашање треба да биде централна тема на Конференцијата во Интерлакен, тоа беше само едно меѓу останатите прашања кои се сметаа за важни за иднината на ЕСЧП.
Конференцијата во Скопје има за цел да даде поголемо значење на ова прашање, што е во тесна врска со ефикасната имплементација на Конвенцијата на национално ниво, посочено во точката Б од Акциониот план од Интерлакен, но исто така е во тесна врска и со подобрувањето на ефикасноста на домашните правни средства и потребата од брза и целосна имплементација на пресудите на Судот. Конференцијата, исто така благовремено ќе обезбеди и можност за дискусија по однос на досегашниот напредок на државите членки во исполнувањето на обврските од Акциониот план од Интерлакен, за што треба да поднесат извештај до крајот на 2011. Во овој контекст, дел од дискусијата во Скопје може да биде посветена на имплементацијата на релевантните препораки усвоени од страна на Комитетот на министри.
Учесниците на Конференцијата (кои доаѓаат од највисоките национални судови и ЕСЧП, како и владините експерти) ќе можат да дискутираат за супсидијарноста од нивните различни позиции и улогата што ја имаат во нејзината реализација. Ова може да помогне во подобро меѓусебно разбирање на различните ставови и потреби. Националните судови и домашните органи, генерално се подобро позиционирани да одлучуваат за мерките во определени области, да ги антиципираат проблемите и да соработуваат со другите национални институции со цел решавање на проблемите, додека улогата на Судот во Стразбур е контролна.
Како што е укажано во споменатото мислење на CDDH, принципот на супсидијарност исто така бара пресудите на EСЧП да се јасни и кохерентни и да содржат насоки за националните судови. Конференцијата, исто така може да послужи и за дискусија на темата од оваа перспектива.
Извештајот „Ефикасна имплементација на ЕКЧП: Процесот Интерлакен„ на Парламентарното собрание и Генералниот секретар, во неговото излагање на Конференцијата во Интерлакен, спомена дека „Супсидијарноста подразбира дека правната сила на судската пракса на ЕСЧП треба да се засили на национално ниво – директна применливост на ставовите на Судот во Стразбур во домашното законодавство„. Најверојатно е поправилно да се упатува на интерпретативниот (res interpretata) правен карактер во рамките на правниот поредок на државите, различни од онаа која е одговорна во конкретниот случај, отколку на erga omnes ефектот на најзначајните пресуди на Големиот судки совет„. |